мар 26 2011

Награда за Археоблог како ‘Најдобар промотор на Македонија’ за 2010

По хрватската награда, кога Археоблог бeше прогласен за еден од најдобрите и највлијателните eкс-Ју веб сајтови на Балканот за 2010 година, стигнува уште една награда која ми е исто така драга, како еден од најдобрите промотори на Македонија за изминатата година, што е всушност и една од главните цели на мојот сајт.

Годишната награда за “Најдобар промотор на Македонија” за 2010 година беше иницирана од проектот „Macedonia Loves You”, а организирана и поддржана од три официјални медиумски партнери (Нова Македонија, Капитал – бизнис магазин и телевизијата Канал 5). Наградата немаше натпреварувачки карактер, иако според гласовите на публиката, на првото место се најде порталот за туризам Travel2Macedonia.

Заедно со уште 27 луѓе (поединци, организации и фирми) јас бев номинирана за наградата ‘Најдобар промотор на Македонија’. Оваа годишна награда е едноставна замисла да им се оддаде признание на луѓето кои Македонија ја носат во своите срца и им пренесуваат на другите да се вљубат во неа. Наградата е воведена со цел да се препознаат постигнувањата на извонредните луѓе од различни професии, од целиот свет, кои имаат една заедничка цел: промоција на Македонија. Номинирани беа поединци (или група на луѓе) кои во 2010 година активно ја промовирале Република Македонија и државните интереси, без разлика на националноста, доменот на активност, полето и формата на промотивните активности. На пример: туризам, културни активности, социјални, економски, политички и др.

Главната церемонија се одржа на 16 Март 2011 година во Музејот на град Скопје во присуство на многу луѓе и медиуми. Сите учесници бевме победници и добивме почесна награда: специјален медал и титула “Најдобар промотор на Македонија”.

6 responses so far

јан 20 2012

Покана за јавна дебата: Архитектурата како историја/Историјата како архитектура

Место: Кино Фросина, МКЦ, Скопје
Датум: 21.01.2012
Време: 18:00 – 20.30
Тема: Архитектурата како историја/Историјата како архитектура
Линк: Настанот со своја страница на фејсбук

Секој експерт кој се занимава професионално со било која сфера од културното наследство, има прво граѓанска, а потоа и стручна одговорност да се грижи за севкупното богатство кое луѓето од минатото го оставиле зад себе. Во тоа богатство спаѓаат нематеријалните и материјалните остатоци кои се групирани во повеќе категории како археологија, историја, фолклор … и секако архитектура. Архитектурата е можеби најмаркатното наследство од еден период, кое временски го обележува и запечатува минатото низ своите визуелни семантички облици.

Сметам дека е крајно време да се престане со политизација на културното наследство, бидејќи се претера во секоја мера, се преминаа најекстремните лимити и почна да станува невкусно да се даваат шарлатански и непрофесионални изјави во медиумите од експерти на кои им е задача да го обликуваат јавното мислење на граѓаните, затоа што експертите по културно наследство под дифолт се јавно ангажирани стручњаци.

Што е она што ми пречи во последните 20 години Македонија? Тоа што не можеме да создаваме нова историја притоа уништувајќи ја онаа што ја имаме. Зошто пред да се направи и создаде нешто ново значи дека се завршил процесот на конзервација, реконструкција, валоризација и промоција на повеќето од она што е вредно од областа на културното наследство и може да се продолжи понатаму. Би сакала да посочам дека паралено со она кое треба да се создаде како нова придобивка од нашето доба, треба да ги заштитуваме и културно-историските споменици кои веќе ги имаме, за да не се случи да ги изгубиме. Бидејќи истражувањето на минатото никогаш не завршува. Тоа допрва почнува.

Затоа утре вечер од 18:30ч во киното Фросина ќе бидам присутна на јавна дебата покрената како граѓанска иницијатива на тема ‘Архитектурата како историја/Историјата како архитектура’. Особено ми е драго што сум еден од ретките археолози кои не се партиски определени, ниту пак се во институција, зошто мојата религија отсекогаш била мојата археологија.

4 responses so far

јан 20 2012

Конференции: Зошто ни е потребна гео-археологијата

Кога зборуваме за културното наследство, никако не можеме да го одвоиме од природното богатство во кое тоа егзистира, се создава и се депонира со текот на милиони/илјадници години, а нивното истражување тежнее кон балансот помеѓу природата и материјалните траги кои човештвото ги остава зад себе. Нашата планета Земја е целина во која се споиле природното (геолошкото наследство, минералната разновидност, биодиверзитетот и обилството на разни околини) и културното наследство (археологија, уметност, фолклор …), во сите нивни форми.

Зошто во оваа рамка на проучување на нашето заедничко минато ни е потребна наука како гео-археологијата? Гео-археологијата е интердисциплинарен процес преку кој може да се проучи историјата на материјалната култура. Вообичаено, тоа е задача на археологијата и науките кои комплементарно придонесуваат на ова поле, но секако дека голема улога играат и природните науки, одобено геологијата и сите нејзини помошни гранки. Кога се гради еден нов објект, но и кога ископува еден археолошки локалитет, првото нешто со кое се соочува работникот, т.е. археологот, тоа е замјата. Почвата е природната околина на артефактите кои заедно со екофатите придонесуваат подобро да го разбереме спојот преку кој се воспоставува хармонија на човекот со неговата геолошка околина.

Во тој контекст ви го препорачувам за читање и консултирање Зборникот за Гео-археологија и архео-минералогија кој е резултат на една голема интернационална конференција одржана во Софија, Бугарија. Верувам дека ќе најдете интересни теми. :)

Линк до зборникот: http://mgu.bg/geoarchmin/

No responses yet

јан 18 2012

Краток осврт кон Музејот на македонската борба

Пред извесно време бев да го посетам Музејот на македонската борба, институција формирана со одлука на Владата на Република Македонија, како дел од Проектот Скопје 2014. Музејот официјално беше отворен на 08.09.2011 година, во чест на 20 години независна Македонија, а посетеноста со несмален интензитет се одвива до денеска благодарејќи на фактот што во него се поместени восочни фигури на историски личности, преку кои треба да биде раскажана добра и лошата страна на нашата македонска современа историја.

Музејот уште неизграден предизвика многу рекации во јавноста, но изостанаа јавните реакции на оние кои беа најпотребни, на историчарите и луѓето кои се занимаваат со културното наследство. Во последното десетлетие освен по блоговите, форумите и по некоја ‘неутрална’ колумна, кај народот латентно се вдоми изреката Homo homini silentium est! (Човек на човека молк е!), па со ретки исклучоци, скоро и да не може да се прочита критичка рецензија за некој проект или настан, бидејќи експертите по културно наследство бегаат од новинарите.

Како национална установа од прв степен, музејот збунува со својот назив. Постојат три имиња за него: ‘Музеј на македонската борба за државност и самостојност’, ‘Музеј на ВМРО’, и ‘Музеј на жртвите од комунистичкиот режим’, кои сите би ги сублимирала во еден термин. Едноставно, се работи за ‘Музеј на нашата современа историја’ (Museum of recent Macedonian history) и беспотребно се комплицира неговото именување.

фотографија © Википедија

Бидејќи секој граѓанин има право да го доживее и/или да го рецензира музејот, јас ќе раскажам како хронолошки се одвиваше мојата посета, која верувам е слична на многу претходни посети од страна на нашите сограѓани, домашни и странски туристи. Архитектурата и архитектонските елементи ќе оставам да бидат подискутирани на некоја дебата од страна на архитектите, но впечатокот е дека надворешноста на фасадата во никој случај не кореспондира со поставката, а ентериерот на овој музеј може да се употреби во секое време за било каква друга музејска изложба, од секаков тип. Исто така, самата поставка која од дел од јавноста беше посочена како контроверзна со личностите кои се вклучени во неа, ќе биде предмет на посебен текст. Тука ќе се задржам само на функционалноста на музејот и неговите основни карактеристики како институција од образовен карактер.

За да го посетите музејот, морате да причекате да се соберат одреден број на луѓе кои ги превзема официјален кустос. Сите кустоси се воглавном дипломирани историчари, а некои се веќе и магистри по историја. Прошетката е ограничена на 40-50 минути. За целото време зборува кустосот, а посетителите само слушаат и восприемаат информации, во неможност да постават било какво прашање. Бидејќи моето решение да го посетам музејот беше ненадејно, задоцнив со групата којашто влегла десеттина минути претходно, и на моја молба вработените сепак ми дозволија да се припојам кон неа. За сега влезницата за домашни граѓани е 100мкд, а за странци е 300мкд, па ми се виде мошне невообичаен ваквиот неизедначен пристап кон посетителите, на една многу млада институција која допрва треба да го гради својот имиџ во јавноста. И се запрашав која е разликата во услугата да странците плаќаат три пати поскапо, кога во сите светски музеи од највисок ранг, освен ако не се работи за деца, пензионери и групни посети, влезницата е еднаква за сите посетители.

Кустосот беше една млада, фина и спастрена дама со одличен вокабулар и навистина ми остави добар впечаток. Во секоја од просториите кажуваше одредени информации кои претпоставувам според концепцијата на поставката, дека се кај сите водичи/кустоси унифицирани. Групата го пратеше нејзиното темпо и како се движевме низ музејот, немаше можност да се вратиме доколку нешто не заинтересирало и сме испуштиле, а фотографирањето е најстрого забрането!

Поставката е пред се базирана на восочни фигури, налик на Музејот Мадам Тисо и огромни платна во маслена техника, преку кои се претставени личностите и настаните од последните стотина години од историјата на македонскиот народ. Амбиентот е надополнет со многу малку оригинални историски документи, разочарувачки мал број на артефакти и прегласна музика. Во некои делови на поставката музиката е толку многу гласна, што кустосите во обид да ја надвикаат, одат кон тенденцијата да го загубат својот глас ако се продолжи со ваквата практика. Поради присуството на восок од кои се лиени фигурите на историските личности и температурата на која се оддржуваат, целиот музеј го прати малку необичен мирис.

Како што наведов погоре, турата се одвива со пребрзо темпо при кое не е дозволено враќање наназад, ниту пак има интерактивност од водичот кој само се движи праволински нанапред по одреден установен итинерар и фактографски ја прераскажува поставката. Затоа и не ме зачуди на крајот од турата реакцијата на дел од посетителите во мојата група, кои беа разочарани во поглед на оскудните информации, зошто имаа да постават голем број на прашања кои останаа нераскажани. Верувам дека не е проблемот до кустосот кои само ги следи инструкциите наметнати од својата матична куќа, туку до политиката на оваа институција кон посетителите за кои треба да се запрашаат дали по ваков третман би дошле по втор пат во нивниот музеј.

Фотографија © Википедија

На што не учи овој музеј? Историјата е меч со повеќе острици, особено кога зборуваме за не толку далечен период од кој имаме се уште и живи учесници/сведоци. Ни покажува кои сме ние како македонски народ, и во поглед на едукација која ниту еден граѓанин на ова држава ја немал во своето школување, потполнува еден период за кој голем дел од луѓето имаат одбивност или пасивност да го осознаат. Од едукациска гледна точка, музејот на современата македонска историја е мошне важен, бидејќи за некои настани и личност долго се молчело, биле прикажани погрешни историски толкувања или пак воопшто не бил дистрибуирана било каква информација во јавноста. Позитивната страна е што посетата може да ги поттикне луѓето да се информираат и да прочитаат малку повеќе за македoнскиот народ во последниот век, што впрочем е целта која овој музеј ја носи во своите именувања. Останува отворено прашањето дали ни беше потребна еднa ваква институција и што со неа понатаму? Се рабира, времето ќе покаже бидејќи е тоа најмудро, а најмногу поради фактот што културното нaследство од еден период се ваја токму низ временската перспектива и мислењето на народот.

Текстот е пишуван да укаже на некои работи, со цел во идина тие да се подобрат. Зошто факт е дека луѓето и владите се менуваат, но музејот ќе (ни) остане. Се обидов накратко и колку што е можно коректно, да ги сумирам моите впечатоци.

Слабости: отсуствува 10-15 мин задолжителна проекција во кино-сала која би го заменила неинтерактивниот линеарен пристап во споделување на информациите од страна на кустосот; постои многу оскуден печатен водич (но добро е што го има!); музејот после пола година егзистирање нема своја веб страница и сметки на социјалните мрежи како facebook, youtube и twitter; засега не постои аудио водич на разни јазици (иако добив информација дека е во процедура); мал број на артефакти (зборуваме за период од пред стотина години); мал број на историски документи, прегласна музика …

Предности: едукативен тип на музеј прилагоден за средношколска возраст и за возрасни (да се размисли за предшколска и школска возраст поради начинот на презентацијата); делумно приспособен за луѓе со посебни потреби; тип на зграда и поставка која може да се адаптира и надополнува со артефакти по потреба; останува во наследство на идните генерации.

Евалуација:

Тип: едукативен музеј
Брзина на тура: пребрзо
Правец на движење: праволиниски
Простор: прегледен
Интерактивност: нема
Листови за евалуација: нема
Политика кон туристи: ограничена
Јазик: македонски и други (по потреба и со најава)
Печатен водич: има
Аудио водич: нема
Дигитални и е-материјали: нема
Фотографирање: забрането
Музејска продавница: има
Детско катче: нема
Интернет простор: нема
Веб адреса: нема

14 responses so far

Next »