фев 15 2010

Две-три думи за Проектот Скопје 2014

Published by at 10:42 am under култура, лично, општество

Во Законот за заштита на културното наследство на Република Македонија постои дефиниција што е тоа ”Валоризација“, но во истиот тој Закон не постои дефиниција за тоа што се подразбира под “терминот” популаризација. Затоа дефиницијата постои во македонскот речник. Таму терминот ”популаризација” е попознат како вулгаризација.

Откако помина првичниот културен шок од презентирањето на проектот “Скопје 2014“, на медиумите се изредија да дебатираат и коментираат сите стручњаци кои експресно станаа ”екперти” и се обидоа дури да го инволвираат терминот културно наследство. Повеќето луѓе што ги познавам кои работат во оваа област не знаат ни да кажат дефиниција што значи културно наследство и што опфаќа тоа, но ете таму некои си ”експерти” се дрзнаа да го нарушат интегритетот на нешто што треба да претставува и да се идентификува како заедничка светска придобивка.

Очигледно граѓаните на Македонија во обид да го искажат своето мислење (а неретко и своите емоции) за овој проект, толку многу се испозанесоа, што практично почнаа да го вулгаризираат овој термин нарекувајќи го се уште нереализираниот проект културно наследство, кој како и терминот “културен предел” до пред неколку години беше голема непозната именка во нашето општество. Но ние сме земја која е позната по набрзинка склепани ”експерти” на метар квадратен, зошто пиететот го добиваш откако барем три пати ќе се појавиш на некоја телевизија да зборуваш. Во било каков контекст.

фото @zoriv

Од оние авторитети кои лично ги почитувам од областа на културното наследство зошто оставиле нешто зад себе, до сега ниту еден не се појави во медиумите. Ниту пак беше консултиран во однос на целата оваа ситуација која личи на турбо фолк новокомпонирана авангарда. До толку што објектите од проектот се толку величенствени и триумфални што единствено кое смета кај Проектот #skopje2014 е можеби самото Скопје. Веројатно добро би изгледале објектите и склуптурите без него, во некој иден милениум откога ќе го поминат испитот на времето за светското културно наследство.

Што е она што ми пречи? Не конкретно со овој проект, туку општо во Македонија? Тоа што не можеме да создаваме нова историја притоа уништувајќи ја онаа што ја имаме. Зошто пред да се направи и создаде нешто ново значи дека се завршил процесот на конзервација, реконструкција, валоризација и промоција на повеќето од она што е вредно од областа на културното наследство и може да се продолжи понатаму. Би сакала да посочам дека паралено со она кое треба да се создаде како нова придобивка од нашето доба, треба да ги заштитуваме и културно-историските споменици кои веќе ги имаме, за да не се случи да ги изгубиме. Бидејќи истражувањето на минатото никогаш не завршува. Тоа допрва почнува.

А до тогаш? Свртете се да видите каде живеете. Како овие нови објекти (ќе) комуницираат со околината во која треба да опстојуваат и според нивната важност каква ќе им биде функцијата во урбаниот простор на едно место, на пример во овој случај во едно градско јадро кое функционира самото за себе како сакрално-профано-културен пејсаж. И зошто веќе еднаш не седнат експертите за културен предел да дебатираат за проектот растеретени од било каква политичка конотација, а обременети со естетиката и уредувањето на просторот. Не познавам човек на планетава кој не би сакал да гледа убави работи околу себе.

Препорачани текстови за читање:

Панче Велков – Историцизмот е секаде присутен
Гоце Трпковски – Контроверзен, но капитален проект

Доколку некој сака да дебатира на темата,
ве молам коментарите оставајте ги на мојот сајт

6 responses so far




6 Responses to “Две-три думи за Проектот Скопје 2014”

  1.   alexandroon 15 фев 2010 at 11:01 am

    Во сеопштата нездрава и навивачка атмосфера која се создаде околу новиот проект Скопје 2014 конечно да прочитам објективен коментар ослободен од дневнополитичките интереси било на поддржувачите било на оспорувачите на проектот. За наша жал и културното наследство кое е натпартиско и вонвременско одамна е ставено во функција на политичките интереси без да се води сметка за неговото сочувување и значење. Чудно е што досега не се појавила ниедна реакција што античките скулптури дремат пред Владата изложени на штетни влијанија на околината без никаква суштинска корелација со околината. Освен со нечии мегаломански и фантазмагорични лични амбиции…
    Поздрав!

  2.   arwenaon 15 фев 2010 at 1:28 pm

    Alexandro,

    благодарам на коментарот. Одговорот ќе го добиеш на мојот сајт. :)

    Поздрав

  3.   lolitaon 15 фев 2010 at 2:20 pm

    Драга Arwena,

    Ти благодарам на сите напори што ги правиш во создавањето на еден високо цивилизациски труд кој твоите анализи го сочинуваат. Голема привилегија е тоа што ни се достапни твоите материјали, но и твојот жив и уметнички пристап кон предметите на твојата пасија.

    Ова е особено аристократски (благородно/фер) од твоја страна. И јас лично, не можам да ги ја сокријам ниту мојата љубов кон мареријалното историско наследство на градот, ниту мојата фасцинација од убавината на новиот проект.

    И надвор од експертската дијагонала на размислување, сосем ме погоди твојата реченица за убавината и тоа како тоа не прави да се чувстуваме. Но тоа секогаш го очекувам од твојот природен перфекционистички порив на кретивец и истражувач.

    Најпосле, аспирацијата кон убавото е основното што не прави луѓе.

    Топли Поздрави

  4.   arwenaon 16 фев 2010 at 9:59 am

    Драга Лолита,

    дали ќе дозволиш коментарот да го прекопирам на мојот сајт (или пак самата да го поставиш) бидејќи би сакала да ти одговорам. Ова место не го чувствувам за свое, несигурно е иникогаш не се знае што може во иднина да се случи со “креациите” на блогерите.

    Поздрав

  5.   lolitaon 22 фев 2010 at 5:31 am

    Само сакав да дополнам, се надевам не сум здодевна премногу, апропо целава параноја околу стиловите дека покрај тоа што самата архитектура во позадината на фреската од твојот понов пост, докжува кои стилови биле препознатливи, ренесансата сега е толку ин во современата уметност, и како стил од кој се црпи, и како контексти кои се реинтерпретираат, особено(но не исклучиво) на ниво на субкултурата/ авангардата.

    Барокот е влезен во сите модни движења, и го доживува својот ревајвал. Барокот е својствен за градската архитектура низ цела Европа, и ни најмалку не е туѓ туку видливо е дека е врзан во своите основи со нашите црквени стилови.

    Вртоглавите научни откритија денес го поттикнуваат уметникот на согледувања исто толку револуционерни во сферата на изразувањето како тие во периодот кој сега така го презираат “големите естети од градски ѕид”.

    Да се црпи од највлијателните и најимагинативните стилови во создавањето на нови објекти, не е преседан, туку дух на ова време.

    Канализацијата не е единствена наша потреба. Школите не се распаѓаат затоа што не се реновираат, (напротив нивното опремување беше масовно и забрзано како приоритет на пријателските влади), туку тие понатаму не се одржуваат од одговорните за таа обврска.

    Сакам да апострофирам дека ова е град. Градовите се урбанизирани средини, изградени и населени.

    Неможам да се соживеам со нечија потреба да се живее на некое пусто место со постнуклеарено чист простор како на Планетата на мајмуните, или со руралната идеја за некоја рамна ливада. Не можам да се поистоветам со нечиј степен на шокираност од промените, развојот.

    Очигледно некои луѓе припаѓаат во предградијата. Градовите се премногу динамични и драматични за нивниот дух на стагнација. Ним ништо не им треба повеќе од чист воздух (а возат по кола ако не повеќе од глава на жител) и бесконечно празен простор, или евентуално едноставноста на она што го замислиле како модерно од некој филм како Одисеја 2001, пасе, но доволно за мутантот на диско пролетерскиот аграрен сензибилитет кој сеуште не опседнува.

    На тв слушнав некои буквалистички толкувања со заклучок дека сме немале Бернини, а што имаме Хаџибошков пред чии скулптури се поклонува светот, поставени насекаде по Европа на “јавните простори”, но тоа не важи. Да се роди и Караваџио во ваков амбиент, нема да биде удостоен да си купи четка, а не да слика.

    Тука сублимирав дел што се обидов да го артикулирам наоколу, а не стигнав, но највеќе поради тоа што чувствувам потреба за исповед кон сепак деликатното уво на еден уметнички и немирен дух како твојот. Благодарам за просторот.

  6.   arwenaon 22 фев 2010 at 9:01 am

    LOLITA,

    Не се знае точно кога, каде и како човекот ја почувствувал потребата за уметноста, бидејќи податоците од минатото патуваат со многу голема спорост до нас. Затоа секоја информација од древнините е толку важна зошто понекогаш еден мал артефакт може да ги промени перцепциите за почетоците на естетиката или уметноста или архитектурата.
    Можеме надолго и нашироко да дебатираме како уметноста не направила да бидеме по’човечни’, но факт е дека визурата од нашата рожница е насочена кон оној дел од визуелниот свет кој ни го окупира нашето внимание, па макар тоа било и за момент. Овие слики дури и без да сакаме влијаат на нас и го обликуваат начинот на нашето размислување за другите, но и за себе си.

    За да можеме да ги разрешиме дел од овие дилеми заедно со сомнителните вредности кои владеат во западната култура, а таа за жал ни е урнек, би требало да се вратиме илјадници години наназад. Во времето кога се родиле првата слика во уметноста, првиот архитектонски објект., првиот … Но нели уметноста начелно повеќе се занимава со духовноста отколку со формата? Хм … или беше обратно…

    Каква и да е мојата филозофска позиција во однос на Проектот Скопје 2014, неоспорно е дека тој предизвика дузина дебати со таков квантитет и квалитет кои ги немало претходно. Оти кај нас доста често дебатите се сведуваат на ”дијалог на глувите”, колку да постојат зарди себе-идентификување, а не заради тоа што треба да се извлече заклучок или поука од некоја дискусија. Повеќето од луѓето постојано се трудат да му дадат форма на својот живот со тоа што естетски ќе го обликуваат. Но за тоа треба време, бидејќи на естетиката човек треба и да се навикне. Ако постои одвика, значи дека постои и навика. Знам што те мачи, тоа што луѓето не можат да се навикнат на убавината околу нив. Секое дело од уметностите наметнува свој ритам и секое време има свој белег. Проблемот во дискурсот настанува кога тактовите од ритамот на уметноста и времето (не) се совпаѓаат.

    Од моја гледна точка би прашала, дали може уметноста да старее? Или исто како и мислата ја дава смислата, на светот околу нас.

    Поздрав до тебе, секогаш се добредојдени твоите наративни думи. :)

Trackback URI | Comments RSS

Напишете коментар