фев 18 2010

Ноќта кога Старата скопска чаршија дишеше

Published by at 10:28 am under култура, образование, општество

Стариот дел од Скопје познат кај мештаните како Стара скопска чаршија и официјално доби своја веб страница на интернет како резултат на заложбите за нејзината ревитализација и афирмација. Минатата година се случи еден настан кој помести неколку илјади посетители во иста вечер толку многу да ја окупираат чаршијата, што буквално немаше место да се помине во и онака тесните улички и сокачиња. Се надевам дека и годинава настанот ќе се повтори за доброто на нашето културно наследство. А во прилог го постирам тектот кој самиот се наметна како инспирација од Ноќта кога Старата скопска чаршија дишеше.

Секое утро во 2007 год. додека одев на моето работно место, на ископувањето на Скопското кале, поминуваав низ Старата скопска чаршија. Ако поради некоја одредена причина се затекнете наутро низ стариот дел од градот, тој ќе ве пречека искапен во првите сончеви зраци очекувајќи ги сите занатчии и трговци да ги отворат своите дуќани.  Во видео клипот погоре може да се погледнат намонтирани црно бели снимки од чаршијата. Впечаток ми остави инсертот каде еден трговец во раните утрински часови подигнувајќи ја решетката на својот дуќан се прекрстува, се помолува … за добар ден, за арно за убаво, за бериќатвасан. Денеска дуќаните во чаршијата немаат решетки туку аларм, но многу е веројатно дека утринскиот ритуал на сите е еднаков исто како и во минатото.

За старото градско јадро на Скопје е пишувано многу низ вековите, а со својата монументалност и гордост, секако дека ќе биде инспирација и во иднина. Но за само неколку години, како резултат на превирања од различен карактер, Старата скопска чаршија го загуби својот шарм. Некогаш место каде се шопингуваше и излегуваше до утринските часови, се престори во локација каде последните гости и шетачи можат да се видат до 18-19 часот, додека не почне да се стемнува.

YouTube Preview Image

Веќе неколку години трае проектот за нејзината ревитализација и кога човек ќе прошета по улиците и сокачињата, навистина може да увиди дека таа се има променето во едно сосема ново руво. Повеќето од објектите се реставрирани и имаат превземено функција која е повеќекратна, како што на пример Чифте Амам и Даут Пашин Амам се делови од комплекот на Националната галерија на Македонија, Безистенот! и Капан ан се полни со гостилници и кафулиња, додека во компексот на Сули Ан се се` уште сместени Факултетот за ликовни уметности и Музејот на Старата Скопска Чаршија.

На 28.06.2009 година во рамките на Скопското лето, се случи еден културен настан кој го врати духот во стариот дел од градот. Манифестацијата насловена како “Реоткривање на патеката на културата“, натера повеќе од осум илјади посетители во една саботна вечер повторно да го откријат шармот на чаршијата, чекорејќи по означена патека во должина од еден километар, вдолж која можеа да се видат концерти ( на Чалгија саунд систем, Љубојна, Фолтин и Суперхикс) изложби и театарски претстави во кои учествуваа над 200 уметници. Настанот започна на плоштадот „Македонија“ во 20:30 часот, од каде што присутните гости и граѓани во придружба на костимирани жонглери, акробати и артисти беа насочувани кон повеќе културни локации. Како точки на одредени случувања беа опфатени повеќе културно-историски споменици почнувајќи од Камениот Мост, преку Даут Пашиниот Амам, црквата Свети Спас, Чифте Амам, Безистенот, Сули Ан, па се до платото на Куршумли Ан.

Скоро сите посетители се сложуваа со мислите кои беа испишани врз траекторијата по која луѓето се движеа – “Под нашите нозе лежи богатство“, “Тука времето тече побавно”, “Скопје со широко отворени очи”, “Фенерли Ан – најпознатиот скопски бордел”, “Најдобрите вестерн филмови беа во кино Напредок”, “Осум метри долга и еден метар широка – ова е најмалата улица на светот”, “Осумдесет проценти од македонските брачни парови се венчаа со бурми од оваа улица”, “Mногу скопски шмизли искршија штикли по овие калдрми”.

Убаво и смирено, а сепак воолшебно, во само неколку часа чаршијата живееше, пулсираше и доби сосема нов сјај. Толпата од луѓе која доби гратис по една пијачка и ќебапчиња во некоја од гостилниците по свој избор, го врати макар и на една ноќ духот на времињата од пред повеќе од деценија и пол кога секоја вечер врвулица луѓе ја посетуваше Старата Скопска Чаршија. И честопати остануваше до раните утрински часови во некое од кафулињата.

Објектите од Старата чаршија се архитектура која му дава карактеристичен белег на градот Скопје и останува да живее под наслагите на приказните кое времето ги рони и ситни како и нивните фасади. Оваа архитектура треба да ни создаде специфично препознатлива слика за едно место, за едно време. Старата чаршија која на истата локација постои повеќе од илјада години е спој од цркви, џамии, саат кула, тврдината над неа, анови, амами, чешми и др. кои претставуваат симболи на една сакрална и профана, пред се отоманска архитектура со типична слика од средновековието. Катадневно поминуваме покрај десетици архитектонски објекти низ чаршијата не знаејќи за нивното потекло, а користејќи ги како репери и ориентири.

Секој град има свои белези, а Старата чаршија е веројатно најмаркантното обележје на градот Скопје. Зданијата кои некогаш биле дел од нечие минато, денеска се културно-историски споменици ставени под заштита на државата. Тие се нашата сегашност, од кои треба да понесеме поука во иднината. Исто како што објектите од нашата сегашност ќе бидат нечие туѓо минато. Ако не заради друго, треба да ги познаваме поради нашата традиција. Зошто во нив додека минуваме, по мал дел од нас вткајуваме. Во нашите прекрасни семантички ,,урбани” артефакти кои се неотуѓив дел од Старата скопска чаршија.

*     *     *

И за крај – сторете сите по нешто, макар и минимално. Да не биде само “старата” чаршија, нека биде Нашата Стара Чаршија!!!

———————————————————————————————–

Освен во е-верзија овој текст во малку модификувана форма  адаптирана за пошироката публика, можеше да се прочита и во  јулскиот број на женското списание “Комплетна“.

10 responses so far




10 Responses to “Ноќта кога Старата скопска чаршија дишеше”

  1.   lolitaon 18 фев 2010 at 1:23 pm

    Многу ми недостасува ноќниот живот по сокачињата на Старата чаршија, чувството беше мошне медитеранско и со шмек на филмовите на Бертолучи, како Дубровник или Венеција. Седевме пред минијатуното кафе Арарат и други слични местенца понесени од возбудата на летните ноќи. Колку сакам да се вратиме во тој амбиент, во вистинскиот центар на градот каде пулсира таа енергија.

  2.   djangoon 18 фев 2010 at 1:39 pm

    нема да ми забележиш што ќе евоцирам спомени …за помладите овде..

    инаку, чаршијата по која ти „пекаш„, „умре„ некаде на почеток на 90-ти…ако чита андреј он ќе каже и точно година, пошто памти како слон
    значи…тоа се случи во она време кога излезе законот за „високите ѕидови„ и кога власта во арачиново сруши еден таков ѕид, а под него -старец…толпа тргна накај скопје, а циле „беше у мисија„…навлегоа специјалци у чаршија и све растераа ( и никој до ден денеска не си ја плати пијачката у таа брканица)…се’ се случи за една вечер

    инаку,
    паметам кога немаше слободно место ни на скали пред некој дуќан да се седне, со пиво у раце и фишек гирици

    и паметам дека, „чекајки го годо„, претстава што се спомнува на еден друг блог денеска, ја гледав во сули ан со љуба тадич у главна улога

    и паметам дека скоро секоја вечер кога не сме при пари бевме у онаја чајџилната до „раф“ и дробевме за тоа шо сме прочитале еееееј

    и ги паметам и свирките на бастион у онај анот кај што е уметничка академија

    и ја паметам и кафаната насред безистен кај шо се играше комар, ама у брзопотезен шах

    и култура кај пирин ја паметам, пошто тамо купуевме книги за после да се фалиме у чајџилна

    и уште паметам..ама ај ова пост ќе излезе

  3.   stefus-refuson 18 фев 2010 at 1:52 pm

    Лелеј Алов Фенерли Ан во Резил Сокак еееее тоа беа времиња :-D

  4.   arwenaon 18 фев 2010 at 8:12 pm

    Знам дека не можат да се вратат времињата минати и не знам дали сакам да се вратат, иако чаршијата со сета своја живост и мене ми недостига. Англичаните велат: “What is in the past, leave it to live in the pasт”. Тука пред се мислам на “носталгијата” на луѓето по едно минато кое знаеме дека нема да се повтори, зошто се се случува “во свое време”.

    Сепак сакам да се ревитализира до тој степан за да повторно стане најфреквентниот дел од градот како што отсекогаш и доликувало и како што е тоа случајот со сите стари делови од градовите било каде во светот.

    Имам само замерка за веб страницата зошто мислам дека не требало така недоработена да ја пуштат во оптек. Барам за чаршијата е толку многу напишано на десетици јазици, што нема потреба да се измислува топла вода, а посебно не на насловната да се ставаат политичари кога има работи што се поважни од нив. Или можеби нема, а?

  5.   djangoon 19 фев 2010 at 8:23 am

    arwena,

    ја правиш класичната грешка која ја прават овде некои „помлади„ блогери

    имено, иако сум неколку години помлад од нивниот гуру- јанко, во секоја прилика кога ќе „евоцирам спомени„ тоа го третираат како „носталгија„

    која носталгија побогу, навистина беше така и навистина имаше живот…а што?….ако го третираме како носталгија тогаш веќе станува ретроградно и не смее да се повтори?

    па нели баш треба да се повтори?…и се прашувам зошто да не?

    единствено,
    ова со реновирање и петолетката за обнова на чаршијата е ок, ама како луѓето да се вратат?…е тоа е веќе потешкиот дел и ако тоа не се случи обновата е само фрлање пари

    за такво нешто треба нешто многу пософистицирано, а тоа веќе влегува во домен на политиката…а популистичка политика како сегашнава „секој во свој табор„ тешко дека ќе доведе до заживување на чаршијата (повеќе милувам да ја наречам-турска)

    затоа сметам дека политиката треба да биде сменета генерално ама тоа не се прави со декрет…тоа е ниво на развој кое ние некогаш го имавме (чаршијата беше НАША како што викаш ти…и македонска и албанска и турска и…), ама тоа ниво денешниве го викаат „носталгија„…глупости

    приметуваш како со сила не тераат странциве „да се вратиме на старо„..носталгичното хм?…ретроградното?…“What is in the past, leave it to live in the pasт”???

  6.   arwenaon 19 фев 2010 at 9:17 am

    Django,

    “What is in the past, leave it to live in the pasт” е поговорка која најчесто ја употребува историјата. А луѓето ја поврзуваат со носталгијата бидејќи се присетуваат з авремиња кои знаат дека нема да се повторат. Зошто? Зошто историјата не треба да се повторува и не смее, бидејќи не постои ништо полошо кога тркалото на историјата (настаните) ќе се вр(а)ти наназад. Се оди напред, со сите препреки и му се пркоси на времето.

    И јас се присетувам на чаршијата. Таму израснав и почнав да се оформувам. Се додека чаршијата не замре сосема, а тоа навистина се случи буквално во “еден ден”. Впрочем на стариот дел од градот Скопје му имам посветено безброј текстови на сајтовите и блоговите, веројатно тоа нешто значи. Турите со странци обавезно ги водам низ бројните културно-историски споменици и секогаш кога странците ќе ме прашаат што да видат (јадат/пијат) во Скопје, велам дека најпрво треба да се посети и доживее чаршијата, па потоа се друго.

    Но, еден град не го прави само архитектурата, ами луѓето. Духот на чаршијата почна да изумира, душата да спласнува питомо наведнувајќи ја главата следејќи ги времињата кои дојдоа. Да, се сложувам, кога веќе политиката се нафатила да ја ревитализира чаршијата, тогаш колку пари ќе даде за обнова на истата, ќе треба дупло пари да вложи и во луѓето за да се вратат во неа. А тоа е просес кој е потежок од реновирање на било каков споменик.

    Поздрав

  7.   djangoon 19 фев 2010 at 10:20 am

    ок е арвена…се најдовме на главната точка…ЛУЃЕТО СЕ НАЈБИТНИ

    единствено, не се слагам со она „тркалото на историјата…„…тоа во нашиов случај не е применливо
    ние во последниве 10-20 години се вративме наназад 100 години, а космополитизмот го имавме, пред само помалку од 20 години…го имавме тоа што денес европа ни го кажува дека ТРЕБА ДА ГО ИМАМЕ ДЕНЕС

    и сега…мојата „носталгија„ ја доживувам исклучиво како авангарда, а глеј парадокс, децата родени 80-ти ме доживуваат како ретрограден старец, а јанко(шо може да го викам батко) им је гуру

    и не се они криви…имам еден цел пост за тоа(ме мрзи да барам линк)

    арвена
    навистина се осеќам помлад и поавангарден и попрогресивен од нив
    ама тоа не е доволно..ако ништо друго, барем нашите деца да ги воспитаме така…овие „помеѓу„ се веќе загубени

  8.   svaboon 19 фев 2010 at 11:31 am

    Турска чаршија, не стара. Така тате ми вели. ;)

  9.   arwenaon 19 фев 2010 at 12:00 pm

    Django,

    ако успеат да се вратат луѓето во стариот дел од градот, дури тогаш ќе изјавам дека успешно за завршен просецот на ревитализација, оти долго ќе му треба на народот да се рехабилитира од сите настани кои направија чаршијата да биде така пуста и празна.

    Svabo,

    сосема е нормална рекацијата на твојот татко бидејќи тоа останало во потсвеста на луѓето. Во чаршијата доминираат пред се објекти од отоманскиот период кои се единствените/ретките што не попуштиле во земјотресот од 1963 година, оти биле солидно градени. Токму поради нив и самиот стар дел од градот добил по малку ориентален изглед, иако знаеме дека чаршијата е всушност микс од архитектура. Но тоа не е причина да не ги сакаме овие културно-историски споменици и да се трудиме да ги зачуваме како дел од нашето колективно културно наследство.

  10.   virtuellaon 19 фев 2010 at 12:07 pm

    …чаршијата го има тоа што новите градби никогаш нема да го имаат…пуста е и празна за жал, а кога би била турист во овој град, таму би сакала да прошетам…

Trackback URI | Comments RSS

Напишете коментар