фев 25 2010

Осврт кон книгата Проколната Земја од Мирон Динков

Може ли држава да има своја болка?

Таа кобна 1948 година фамилијата на мојот дедо засекогаш се распрчка по светот. Од шест браќа и две сестри, повеќето не ги виде никогаш во животот. Некој замина во далечната Австралија, некој само до Белград, а двајца од нив ги сокапаа своите коски 20 години по заднаните на тогашна Грција.

Кога на почетокот од 21 век падна ембаргото за сите оние македонци кои се родени во егејскиот дел на Македонија, мојот дедо посака да отиде да го види своето родно село Ајватово, крај Солун, денеска прекрстено во Лити. Со месеци му велев на татко ми дека тоа треба да се изведе мошне умно. Па така прво појдовме до Грција да го фотографираме селото и околината, а подоцна се вративме со камера барајќи да снимиме барем еден жив човек од неговата генерацијата. Му велев на татко ми “ако дедо преживее гледајќи ги снимкиве, можеш да го носиш во Грција”. Во тоа време веројатно и не можев да го сватам бремето кое со генерации тлееше во генетскиот код на мојата фамилија. Но гледајќи го дедо ми, сега веќе кревок старец, како липта пред снимките, ги доживеав товарот и болката со кој тој безгласно живееше толку многу години. И одеднаш се прекршив. Имав чувство како сето тоа да било моја лична историја, иако никогаш не сум ја преживеала, ниту пак сум била дел од неа. Историја која молкум е запишана во свеста на сите минати и идни генерации, а никогаш на хартија. Како отсекогаш да сум била вовлечена во таа безвременска приказна на мојот дедо кој се обидуваше да ни ја пренесе на мене и на брат ми како наследство кое вткаено во кодот на македонскиот народ провејуваше со стотици години.

YouTube Preview Image

Се уште не знам зошто не отидов на тоа патешествие со татко ми и чичко ми во родниот крај на мојот дедо. По кажувањата знам дека во моментот кога пристигнале во атарот на селото, тој клекнал и почнувал да ја бакнува земјата ронејќи ги грутките низ прстите и топејќи ги со своите солзи. Татко ми потоа долго повторуваше дека стоеле скаменети со мојот чичко не знаејќи како и самите да се справат со емоционалниот шок кој го преживеале. Ниту пак јас знаев да се справам со некои работи од типот зошто моите вујни и чиковци кога ќе им појдевме на гости во Солун не смееја да зборуваат на македонски јазик, па поради тоа како мала научив да го зборувам грчиот јазик течно. Оти тоа да ти било единствениот начин да се разбереме самите ние – во фамилијата.

Отткука сижето во книгата Проколната земја од авторот Мирон Динков го доживеав како моја лична судбина. Егзодусот на сите македонци од егејскиот дел кој моментално територијално и географски и припаѓа на Грција, е моја лична болка. Еден сосема навидум обичен роман ми заштеди илјадници зборови и уште толку интерпункциски знаци кои се потребни за да се опишат историските околности и социјалните случувањата кои придонеле за болката на една земја. За многуте светови поделени на половинки. Но тие не го чинат целото. Зошто знаеме дека “цело е само кога има се”.

Проколната земја од Мирон Динков е роман кој би требало да биде посветен на Македонија. Онаква каква што сме ја познавале и каква што всушност би требало да биде, а не каква што е. Ова е запис за многу човечки судбини, но за една болка. Болка која стихијно тлее во свеста на гените заробена во својата немоќ со столетија. Болка која никогаш не била вон фокусот на вниманието, иако многубројни настани ја менувале перцепцијата дека човекот не размислува за последиците од неговото создавање и уништување. Факт е дека некои болки ќе останат бесконечни. Веројатно најтешки се оние кои човештвото ги носи инкорпорорано во својата колективна свест, за да послужат како пример на идните генерации.

Алегоријата за болката на Македонија како Проколната Земја е прикажана во фабулата на романот која ја прати судбината на фамилијата Динкови од село Церево (Леринско) и нивните четири сина и една ќерка. Во обид да ги спаси од пеколните војни кои со години биле очекувани на овој дел од Балканот каде Турската империја се почесто колабирала, таткото Петар Динков своите деца Ѓорѓи, Ташко, Петро и Стефан ги праќа во ветената земја Америка. Сите карактери се толку пластично опишани и ликовите се толку блиски, како да се дел од вашиот комшилак. Како да биле тука отсекогаш, иако не дели цело едно столетие од нивните животни приказни. Плачев и читав. Можно ли е во секој од нив да се крие тајната за Македонија.

Преку патувањето кое започнува далечната 1911 година, потоа пристигнувањето во Америка, сместувањето, а подоцна живеењето во тогашната САД, се нижат ликовите на фамилијата Редмонд, рудникот каде работат, рударите, Арсак, садот … Бостон, нивните свадби, радости… Но во исто време и разделбата и тагата која секогаш ги влече на едно исто место. Земјата на спомените – Македонија.

Етногеографска карта на Македонија во 1912 година

(симни ја картата во поголема резолуција)

Токму поради тоа најмалиот од сите нив Стефан по 20 години поминати во Америка како богат човек-бизнисмен, решава да се врати во своето родно село. Тука започнува вистинската мешаница од чувства помешана од навреда, лутина, достоинство, одмазда, мачнина, тага, страв, одговорност… во земја во која е променето се, од името на неговото родно село, неговото лично име, до неговиот иденитет.

Секој запис е сведоштво за една персона, за еден народ, за еден јазик, еден етнос. За неговото постоење. Затоа, да се промени името на некој човек  во историјата се смета дека претставува почетен чекор кон бришење на национален, културен или личен идентитет. Посебно со примерот на менувањето на идентитетите во Отоманската империја, кога турците се обиделе да напишат и да создадат еден свој дискурс на историјата, а подоцна со геноцидот на грците врз етничките македонци населени во тогашниот северен дел од нивната земја. Но не може едноставно да се удри четка врз сите културно-историски споменици и свежо варосаната боја да ја исчисти историјата напишана со крвави букви врз белиот малтер. Се вели дека историјата ја пишува победникот. Ама од такви истории кои ги пишувале победниците денеска се соочуваме со дупки во колективната меморија, кои со сета силина на вртолог ја вклучуваат и судбината на Македонија. Што станува тогаш со губитниците?.

Болката која ја има Македонија низ својата историја не е ниту прва, ниту последна. Ниту пак единствена во светов. Секoja држава, народ, ентитет, си има своја болка и секој мисли дека неговата е најголема, најдлабока, бескрајна. Затоа прикаската за Александар Македонски, чашата со сонцата од штитовите, двете змии и една клетва се преклопниот дел во книгата. Тие се почеток и крај кој се спојува во една мачна бесконечност. Смртта на еден од најголемите кралеви во историјата на човештвото служи да не врати и да не потсети на автентичните настани кои многупати ќе се повторат низ историјата на еден народ. А народот пак вели дека нема ништо полошо од тоа историјата да се повторува. И така се во пеколниот круг на една Проколната Земја.

Поентата на авторот кој и самиот има потекло од егејскиот дел на Македонија се пронаоѓа во вториот дел од книгата која веќе го допира и нашето совремие. Засегнат со болните реални факти кои историјата ја прават извитоперена контеса, а во обид да се врати кон своите корени, тргнува во едно лично патешествие со непознат крај. Иако тој се наѕира од секоја запишана реченица, дека еден човек, една фамилија, една земја, може да опстане само ако е целосна. Ако не е поделена. Со кантар на кој од едната страна се ставени надежта за среќата (лична и општествената), а на другата страна – вистината … За тоа кој си, што си, од каде си и кому припаѓаш.

YouTube Preview Image

И за крај, не знам дали се сеќавате на видео спотот и на песната од Miyatta посветена на македонците од егејскиот дел на Македонија. Минатото не треба да се оживува, треба да се надживее. Но за да го надживееме, најпрво треба да го запознаеме за да можеме да го надраснеме. А пред тоа, треба да го запишеме.

Ова мое скромно мислење е во чест на анонимниот автор Мирон Динков кој ја напишал оваа книга. Зошто што знае дека ”вистината” е таа која опстојува. Затоа драги мои блогери, пишувајте за неа.

Зошто незапишано-неслучено.

Заклучок:

Дали треба постојано да бидеме неутрални? Еве на пример, јас не сум цело време политички коректна. Некогаш мислам ”држава”, а велам ”македонците”. Постојано пишувам за ”идентитетот” и го поставувам прашањето дали можеме во сегашноста да го потврдиме сопственото минато? Или од неговата таинственост како негација пред заграда ќе замолчиме со уверувањето дека (не)сме ние децата (продукти) на сопствените проекции кои вековно постоеле пред нас.

Јас СУМ она што е мојот татко, што биле мојот дедо, неговиот прадедо и дедото на неговиот дедо како и сите оние 14 колена за кои до сега имам пишани докази. Независно од мојот физички и ментален матрикс што некој сака да ми го промени,  каде и да појдам јас ќе бидам и секогаш ќе останам она што сум била – Македонка.

Kлучни зборови: Miron Dinkov, Prokolnata zemja, kniga, Matica Makedonska, Мирон Динков, Проколната земја, книга, Матица Македонска

6 responses so far




6 Responses to “Осврт кон книгата Проколната Земја од Мирон Динков”

  1.   molikaon 26 фев 2010 at 2:05 am

    Емотивен текст кој ме испровоцира да ја побарам и да ја прочитаам оваа книга. А за суштината … и јас сум Македонец.

  2.   arwenaon 26 фев 2010 at 8:46 am

    Molika,

    некои работи не смеат да се заборават, а прашањето за Македонсците од Егејскиот дел на Македонија со години стоеше подзаборавено. Човек можат да се надрасне и да продолжи понатаму само ако доволно добро се спознае.

  3.   molikaon 26 фев 2010 at 2:13 pm

    Апсолутно се согласувам.

  4.   arwenaon 26 фев 2010 at 3:15 pm

    molika

    Ова се стории на кои сите треба да се навикнат како на своја облека. Да не бидат само сон, да влезат во сечиј дом. Бидејќи отсекогаш биле дел од нас и од нашиот код. Мора да се помнат и да се запишуваат работите. For the purpous of humanity. Оној момент кога ќе се направи контекстуализација на информацијата која својот животен век го поминала и се извајала низ некаква интелектуална стуктура, веројатно може да се добие верзијата која е најблиска до вистинската. А се до тогаш, посакувам публикување на сите мисли заглавени по депоата на човечкиот македонски ум со години.

  5.   molikaon 27 фев 2010 at 10:56 pm

    Во мојата фамилија, со прошируваето, наидов на луѓе кои се распарчени по светот токму по граѓанската војна во Грција. Така да испровоцира голем интерес, и ќе гледам што поскоро да ја најдам книгата, да ја прочитам, а можи и да поклонам некому.

  6.   Anaon 13 апр 2010 at 12:59 pm

    Tekstov me inspirira da ja pobaram knigata,koja uspeav da ja najdam i ja kupiv.Ja procitav vo eden zdiv nemam zborovi kako e verodostojno opisana vistinata na makedonskiot narod.Ja preporacuvam na site makedonci da ja procitaat bidejki ne uci kolku vo zivotot na eden narod se vazni negovite koreni!!!

Trackback URI | Comments RSS

Напишете коментар