Archive for the 'религија' категорија

јун 19 2010

Богородица Перивлептос пропаѓа – судбината непозната

Одамна се токмам да пишам за црквата Богородица Перивлептос во Охрид и за нашата негрижа поради која се заканува уништување на вредно светско културно наследство. Но што да се коментира дополнително, кога се е веќе кажано. Да не бидам дежурниот партибрејкерс кој постојано алармира и укажува на пропустите со нашиот шалабајзерски и шарлатански однос кон културното наследство, во прилог го постирам мислењето на проф. Ралф Ахилес (византолог кој предава на Арт-институтот во Чикаго и активно се занимава со проблемот на заштитата на културното наследство) даден за весникот ‘Нова Македонија’

Во Охрид гледате голем археолошки локалитет – Плаошник, со прекрасни мозаици и убаво реконструирана црква. Но автентичната ви пропаѓа. Како ќе им го објасните ова на туристите, кои кога ќе ја видат состојбата на црквата „Света Богородица Перивлепта“ добиваат впечаток дека целата држава ви се распаѓа?

Врска до интервјуто

Би сакала јавно да го поставам прашањето – ‘Каква држава сме тоа ние кога дозволуваме да пропаѓаат објекти од витално значење за нашата култура и тоа во град кој е ставен под заштита на UNESCO’? Дали можеби UNESCO треба да репне по џеб одредени ентитети или институции во Република Македонија заради негрижа кон сопственото културно наследство или можеби треба да му го одземе овој статус на градот Охрид за да се свестиме.

Пред извесно време дадов изјава за Фокус во врска со архитектонското наследство на Македонија. Поради природата на својата работа и како археолог, но и како професионален туристички водич, би сакала уште еднаш да го споменам нашето богато византиско наследство кое привлекува голем број на странски туристи, и кое сметам дека во последните две децении се запостави и остана на маргините од фокусот на интересот за итна конзервација, заштита и презентација.

Некогашната легенда за градот Охрид пополека почнува да бледнее во моментот кога ќе почнете да ги посетувате и оние објекти кои останале да сведочат како неми споменици дека овој  град во средновековието имал 365 цркви (за секој ден во годината по една црква да може да се празнуваат светците). Црквата Богородица Перивлептос  покрај својата фантастична архитектура ја поседува и фреската “Успение на Пресвета Богородица” која е зачеток на еден уметнички правец кој во Европа ќе се вообличи дури после 2 века. Од мештаните уште наречена и Климентов гроб, Перивлепта е едно од моите омилени места во Охрид. Секако, ако ја изземеме непредвидливата Јана Попоска која е вработена како кустос и понекогаш прикажува непримерно однесување со кое се прави проблеми пред туристите до рангот на навредување и точно го отсликува нашиот однос кон објектите кои се ставени под заштита на културата.

Во последните неколку години секое мое одење до Охрид и прошетка по стариот дел од градот го чувствувам како проштална средба со овој монумент кој како и многу други средновековни храмови во Охрид и Охридско се наоѓа на маргините од заборавот, а неговата заштита и конзерација се оддолжува со децении. Беше најавен и грант за еден од најрепрезентативните споменици од 13 век во Охрид, но колку што ми е познато, се уште не започнал никаков процес за санација и реставрација на Богородица Перивлептос. Ние секако под дифолт немаме пари за оваа намена. Оправданието е веќе одамна труло – исто како и нашиот несериозен однос кон културното наследство!

Што зборуваше професор Ахилес во неговото интервју и зошто го пишувам овој текст? Затоа што би сакала да посочам дека паралено со она кое се создава како нова придобивка од нашето доба, треба да ги заштитуваме и културно-историските споменици кои веќе ги имаме, за да не се случи да ги изгубиме. Бидејќи истражувањето на минатото никогаш не завршува. Тоа допрва почнува.

No responses yet

мај 31 2010

Кулието во Скопје

Отоманската архитектура е архитектура на Отоманската империја. Како туристички водич честопати имам можност на туристите кои ја посетуваат Македонија да им го покажувам културно богатство кое останало како наследство од оваа огромно царство. Исламската култура забранила било какво сликарско и вајарско претставување на светите и живите суштества, но затоа оставила монументална архитектура која во Скопје е особено видлива во стариот дел од градот. Поради присуството на исламски објекти кои го издржале палењето на генералот Пиколомини во 1689 година, како и земјотресот од 1963 година, стариот дел познат и како Стара Чаршија, уште во средновековието добил ориентален изглед.

Како типичен пример од подигнувањето на градбите од профан и сакрален карактер кај древните Турци останале комплексите означени како кулие (кülliye) во чиј состав имало џамија, карвансарај (преноќиште), медреса (средно училиште), имарет (јавна кујна), мектеб (основно училиште), турбе (мавзолеј, гробница) и амам (јавна бања). Тоа впрочем бил и најлесниот начин да се шири исламот како религија. Многу често терминот кулие се меша со имарет или јавна кујна, која била веројатно еден од најголемите објекти во ракмите на овој комплекс, каде гравитирале најмногу луѓе. Така на пример Имаретот во стариот дел на Кавала, е еден архитектонски комплекс околу чие јадро изникнале станмбени населби, па во таа смисла овој термин би можел да се тертира на рангот од старите агори и форуми, бидејќи тука се случувале важни содржини, вклучувајќи ја културната, религиозната и трговската политика на едно место, град или држава.

Еден од најинтригантните делови на Старата чаршија која во 2008 година беше комплетно ставена под Законот за заштита на културно наследство, се наоѓа на потегот помеѓу Скопското Кале и Бит Пазар, каде некогаш живееле занаетчиите кои работеле во дуќаните наоколу. Според архитектонските остатоци, овој простор ми даде идеја да претпоставам дека на ова место во време на Отоманскиот период најверојатно се наоѓало скопското кулие. Од овој отомански архитектонски амбиент денеска останале само Мустафа-Пашината Џамија (1492), Куршумли-Ан (1549-50) надобро сочуван ан кој се наоѓа во склопот на Музејот на Македонија со кој овој дамнешен комплекс е пресечен во ’70 години од 20 век, како и Шенѓул Амамот, кој е лоциран веднаш до Куршумли Ан и чии остатоци се се’ уште видливи.

Туристите се најчесто заинтересирани да ги дознаат обичаите кои се практикувале во овие културно-историски споменици. Па се додкеа не почнаа реставраторските зафати во 2007 година, заедно влегуваме во Мустафа-Пашината џамијата каде прво се мијат од шадрванот (чешмата), оти муслиманскиот обичај го бара тоа од своите верници, а доколку сакаат можат да се помолат во една од најубавите и најимпозантните џамии во Македонија. Потоа се спуштаме до Куршумли Ан кој своето име го добил од турскиот збор kursunlu, кој на македонски значи ‘оловен’, поради оловниот покрив со кој бил покриен. Влегуваме низ малото вратниче вгнездено во огромната дрвена двокрилна врата и се движиме низ тремовите на отвореното двориште кое денеска претставува лапидариум за археолошки камени споменици од антиката до средниот век.

Овие споменици на културата во Македонија се извонреден пример за ‘живо’ културно наследство, бидејќи некои од нив се уште се користат во својата оригинална намена, или пак стекнале ново културно значење и функција. Опстоиле многу векови и во нив се вткаени приказните од времињата дамнешни раскажувајќи ни за почитувањето помеѓу религиите како дел од една култура и традиција која се уште опстојува во Република Македонија.

Со овој пост всушност ја промовирам книгата ‘Седум споменици на културата во Скопје и Скопско‘ на англиски јазик, чија промоција ќе се случи на 03. Јуни 2010 во 19:30; во Музеј на град Скопје. Благодарност до Гордана Велков од здружението Македонида, за одредени сугестии во врска со отоманската архитектура во Скопје.

No responses yet

мај 06 2010

Ѓурѓовден

Овој текст кој своевремено го објавив на старата платформа на блогерај во чест на прославувањето на Ѓурѓовден, особено ми е драг, бидејќи на оригиналниот пост коментираа блогерите Кибицер (историчар) и Лотос (етнолог) кои одамна веќе не пишуваат на интернет, а имаа навистина што да кажат со своите професии.

Текстот е публикуван во книгата – В. Димитровска, 2008, Археолошки дневник, Аквариус, Скопје, 66-70.

Археолошки дневник

… и како и на секој преоден момент во годишниот циклус, се верувало дека ноќта пред Ѓурѓовден настапува време кога се будат демонските сили на хаосот , “небото се отвара“ и влегува во конфликт со земјата и тоа е време кога по магиски пат тие сили можеле да се искористат за стимулирање на плодородноста …

Ова е цитат изваден од еден пост на лотос за Ѓурѓовден, во врска со кој можам да го додадам следното.

Една година по некаква си наша потрага, јас и мојот пријател етнологот Димитриовски Вања отидовме во Демир Капија, барајќи податоци за пештерата Горен Змејовец. По обичај правевме муабет со селаните од локалните села по прашалник кој ние самите си го составивме, за да ги извлечеме релевантните податоци кои ни требаа. Во овој случај тоа беше еден човек од с. Дрен, кој беше љубезен да ни одговори на повеќе од стотината прашања кои му ги поставивме. Тука постирам само дел од разговорот кој се однесуваше токму на Ѓурѓовден.

- А Ѓурѓовден каде рековте дека …?
- За Ѓурѓовден одиме во селото ? Пишница? горе. Таму се собират … панаѓур е тоа и прават … курбан … јагне таму колат.
- Тоа црквата го прави?
- Има домаќини …
- А јагнето од кого е, од црквата или од селото?
- Домаќинот што го бира црквата. Ваа година има домаќин, од другата година друг ќе ја земе. Така …
- И како се бираат домаќините?
- И така се бират, кој сака да даде прилог … кој ќе даде поише …
- А се даваат и пари за тоа?
- Е па сигурно дават, не знам јас … Кој како сака, … одгодина … самоволно се заречува, дај да бидам јас.
- Како на пример некој што се зарекол, зошто се зарекол, знаете ли за нешто?
- Детто ли, жената ли, … нешто … такви работи. Се заречуват – јас ќе ја гледам црквата една година или две години, за мое здравје да имам.
- После тоа откако бил домаќин, оздравува детето, на пример, или жената се едно.
- Сигурно имат оздравено. Не знаеме ние толку.
- А таму кога идете за Ѓурѓовден преспивате таму?
- Домаќинот има … кој што сакат си преспиват, некои жени кои сакат, а кои не сабајле ќе одат, ќе го истерат Ѓурѓовден и ќе се вратат, оти таму нема куќи … ги исселија, нема више. Таму има некои викендички, тие си се таму и можат една недела да си ?седат? … иначе другите ќе одат сабајле, вечер ќе се вратат.
- А тоа ли е постаро село од Дрен?
- Постаро е изгледа оти воа Дрен тука е населено наново. Воа село било поугоре, а има друго … се вика Стари Дрен.
- Дали е од турско или е од порано?
- Турско – порано … Не знам … па дали и старите го знаат тоа.
- А ти бабичке знаеш зошто пештерата се вика
- Змејовец се вика … оти ?,, бикофите”? … боските има на пример Змејовец?боски од крави, боски од кози, од сите животинки. Да сокапиш 3 ка ти се разболе детето или …, ќе го измиеш …
- Тие ќе ги измиеш – боските и водичката ја намачкаш?
- Тие боските што се во пештерата или?
- Тие од вода се направени … кога одат сите кршат за дома.
- Што капе има стожер така голем, што капе капка по капка … е таму горе (***заб. : најверојатно се работи за столбот во Долен Змејовец)
- Таа е лековита вода?
- Аха.
- А Змејовец, што значи Змејовец?
- Така се вика.
- Ама значи ли нешто тоа име?
- Има значење оти е лековито това.
- Ние мислевме да не има некоја прикаска?
- Не, не.
- Јас сум слушнал дека таму имало некој змеј што се скаменил?
- Можда имало, но ние не го знаеме. Во старо време можеби. Ние сме тука а не го знаеме тоа.

Покрај многу други работи тој кажа дека луѓето од таа околија имаат обичај (посебни нероткињи) да одат на Ѓурѓовден во споменатата пештера и да прават обичаи со кои би ја стимулирале својата плодност.

И како многупати до тогаш се соочив да видам на дело како мештаните слават верски обичаи кои потекнуваат од пред- христијанскиот период.

Рзговорот го имав запишано на диктафон. Интервјуто беше водено на дијалект и користам можност да му се заблагодарам на мојот професор Никос Чаусидис кој ми помогна при дешифрирањето. Најпровокативен дел од разговорот беше оној кога зборуваат за самовилите. Но тоа ќе го оставиме за друг пат.

Среќна слава и именден на сите што го прославуваат Ѓурѓовден.


Текстот е репринт.

Клучни зборови: Ѓурѓовден, село, Дрен, Демир Капија, пештера, Горен мејовец, археологија, етнологија, интервју, обичаи, пагански бичаи,нероткињи, плодност

No responses yet

мај 05 2010

Филмот ‘Агора’ – рецензија

Александрија е град кој од древните времиња, откако бил основан од Александар Македонски, не престанал да предизвикува внимание. Место кое било дом на Светилникот од Фарос, едно од седумте светски чуда на стариот свет и најголемата Библиотеката во тоа време, каде била собрана сета дотогашна мудрост на човештвото. Треба да бидете многу искусен за да дадете критика на овој филм, кој не задира само во астрономијата и философијата, туку во социјално политичките превирања кои напати потсетуваат на нашето совремие каде и после 2000 години, луѓето се уште ги водат војните во име на религијата и својот бог. При тоа, треба да бидете исто така добро историски потковани за да се фатите во костец со една безвремена прикаска за религиската нетолеранција, насилство и слобода на говорот. Но мудрите луѓе од минатото рекле дека: Човек си, се’ додека бог не ти го одземе умот. И тогаш кога устата занемува, и кога ветрот запира, умот е она кое ги движи работите.

YouTube Preview Image

Метафората на Агората

Агора е филм за една жена, која ќе го промени светот, историјата и дел од науката. Приказната за Хипатија, е приказна за една исклучителна жена на своето време, философ, математичар и астоном, која се обидува да ја спаси мудроста на античкиот свет.

Самиот термин ‘Агора‘ е старогрчки збор кој се употребува и денеска. Во хеленизмот и во римскиот период, означувал место кое е детерминирано како пазар, центар на јавниот живот, место каде се состанувале граѓаните да дебатираат за најрaзлични содржини, вклучувајќи ја културната, државната и трговската политика на својот град, држава или заедница. Денешната агора во форма на глобалната мрежа интернет, можеби нема архитектонски елементи како во минатото, но треба да ја чуваме зошто сепак претставува последниот бастион на слободниот говор и мисла. А најмногу поради тоа што овозможува директен пристап и споделување на мислите, а со тоа и на науката преку принципите за создавање извори на знаење со отворен пристап. Или како што би рекол режисерот Alejandro Amenabar: ова е сторија за еден град, една цивилизација и за една планета, а агората е метафора за планетата на која сите би требало да живееме без војни, политички превирања и игри. Но сите знаеме дека тоа нема никогаш да биде така. Бидејќи откако постојат луѓето, потојат и војните!

Јазиците како предизвик

Режисерот на овој историски спектакл беше наголемо критикуван дека најскапиот шпански филм на сите времиња нема шпански глумци, и оти е направен целосно на англиски јазик, што претставува увреда за шпанците како нација. Но ако го цитираме Умберто Еко, а во согласност со духот на минатото, тогаш поентата на Alejandro Amenabar е постигната преку концептот дека во 21 век англискиот јазик е истото она што некогаш бил латинскиот јазик во антиката.

Александрија била културно средиште и антички центар на сите вери, но и на сите јазици. Кога се градеше новата Библиотка Александрина (културен центар во форма на сончев диск покрај Медитеранот), која се претпоставува дека се наоѓа на местото на античката Александриска библиотека, на ѕидовите беа изгравирани букви од 120 различни јазици.

image courtesy of Bibliotheca Alexandrina

Историска рамка и кратко сиже на филмот

Дејствието на филмот Агора се случува на работ на изумирање на едно општество (робовладетелското), на прагот од распаѓањето на Римската империја на два дела и во моментите кога христијанството признато како официјална религија, ја завзема надмоќта во име на својот бог да разорува се’ пред себе.

Преку вртоглаво зумирање налик на Google Earth (пристап кој чинам дека до сега не е применет кај историски филм), фабулата не води во древниот Египет, во 371 г. кога Александрија е се’ уште под власт на Римјаните, иако полека тоне во затишјето на мултиетничка култура, во обид да се спаси од колабирањето на своето пачворк општество. Тоа се моменти кога христијанството ќе биде прогласено како официјална религија на Римската империја од страна на императорот Теодосиј I, а христијаните до темел ги сотираат сите пагански споменици, додека многубожците ќе ги забарикадираат во славната Александриска библиотека, во која подоцна ќе упаднат и ќе го уништат севкупното материјално наследство на објектот.

Историјата на овој спектакл ја следи личната (емоционалната), општествената и научната кариера на Хипатија, професор по философија, астрофизичар и астроном, многу малку позната на пошироката јавност, бидејќи едвај и да останале записи за нејзиниот живот и творештво. Таа е паганка која благодарение на своите подучувања во Александриската библиотека каде нејзиниот татко е управник, кај своите студенти ќе стекне пријатели и помеѓу христијаните и помеѓу евреите. Сепак тоа нема да им помогне на верските фанатици кој ќе и пресудат на најбрутален начин, само затоа што не е крстена по христијанските обичаи. Во реалноста, за разлика од филмот, нејзиниот живот завршува многу пострашно. Ја соголиле, таква ја влечеле по целиот град, ја каменувале и на крајот ја запалиле како вештерка на клада. Нема што, многу христијански би се рекло, во духот на новата млада религија која го освојува светот!!!

Еден од многу тизери за официјален постер на Агора

Што не учи овој филм?

Самиот филм наметнува повеќеслојни размислувања кои не би можеле да се одговорат во еден блог пост. Но веројатно најдрското од нив со прст ни го вперува прашањето, на што се должи меѓурелигиската толеранција помеѓу народите, и денеска и во минатото? Дали треба се испотепаме сите помеѓу себе во името на религијата, за да на крај бидеме среќни со својот сопствен бог? Еден од елементите кои ми се допаѓаат во филмот Агора, е одбраната на идејата за слободната мисла, јасно упатена против догмата, каде науката се уште во името на разумот победува над религијата. Како што можам да забележам, историјата на човештвото не еволуирала кој знае колку многу од светот на древната Александрија, каде во едно општеството на изумирање, секоја позитивна мисла морала да се прекрши и да биде осакатена во политичката борба за превласт. Ви звучи познато, нели!

Најлошото што може да и се случи на цивилизацијата е кога тркалото на историјата наместо нанапред, ќе се вр(а)ти наназад. Нема пострашно нешто од тоа историјата да се повторува. Или можеби има …а? Со палењето на Александриската библиотека всушност почнува мрачното доба во светот на науката која ќе талка со столетија додека излезе од заплетканите лавиринти на своите замки.

Како за крај! - Каде е мојата Александриска библиотека?

Денеска мојата лична Александриска библиотека ја гледам токму во интернетот и блогосферата. Зошто ..

… Блогот е форма која ја сакам зошто ја запишува сегашната историја. А истовремени истории има онолку колку што има луѓе на планетава земја. Порано немало блогови, а на луѓето им било недостапно знаењето за глаголењето и придобивките од неговото запишување. Па во присуство на записи кои селективно третираат историјат, мислења или податоци само за видни личности, немаше денеска да се соочуваме со дупки во колективната меморија на човештвото…

Од мојот пост
Коментарите како блого-графити

Пишувајте и споделувајте на интернет. Направете ја нашата виртуелната Александриска библиотека многу помоќна од онаа во минатото. Нека послужи како база над која ќе се надоградува човештвото. Да се молиме само дека нема да биде употребена против него.

p.s. во секој случај се работи за фантастичен филм кој ќе ве остави без здив и со многу размисли. Highly recommended for watching and learning!

2 responses so far

Next »